Неродена

5146_91894083502_688848502_1845505_7686340_n

Знам, ќе те очекувам во секое време,

ноќе и дење и кога студи и кога е  топло,

кога фантазиите и соништата

ја добиваат својата единствена форма – ти.

Знам, ќе се родиш можеби во пролет или лето

под крошната на некое осамено дрво,

петровка, дуња или миризлив багрем,

посакувајќи  си да останеш мирис.

Знам, ќе посакам да те чувам да те зачувам,

за да ти ја дoловам сликата

дека ќе бидеме подготвени,

да го земеме светот во свои раце.

Знам, и дека ќе те чекам под стреата,

на сивата осамена куќа кога таа ќе плаче,

пречекувајќи ги и испраќајќи ги

старите љубовници истовремено.

Знам ќе те чекам длабоко во несвесното,

а насочена свесно моја неродена љубов.

Раѓања

Секое изгревање, секое заоѓање:

нов поттик да се направи сонот несон,

стоење од  страна  а до магијата,

умствен криминал,

мотиви,

заграбување или заглибување,

опипливо препознавање,

од лоши полоши,

од добри подобри – најдобри,

независност, загриженост,

одморалиште,

застој,

проток,

проток,

проток.

Секое изгревање, секое заоѓање

тебе ти го подавам.

Мисловно

the_bitter_end

Во еден бележник со повеќе магични листови,

спијат:

вишокот (не)трпение,

умереноста,

доцнењето,

ладноста,

далечината,

причината и

љубовта.

Лежат како камени коцки на поплочена калдрма – зборовите,

во кои се притаени мигови, само мигови.

Но не сум јас!

Да бев јас ќе беше и ти – зошто очите сепак едно гледаат.

Моите вис(т)ини

41824cd07d3674bbe413e0058b84256b

-          Во очите ти спијат солзи, а јас гледам ѕвезди.

Јас.

Понекогаш ми се задржуваш како грутка од непроголтан воздух во грлото. Понекогаш ми создаваш мачнини, понекогаш ме ослободуваш. Благородно или не- којзнае. Дишам и после тоа. Благородно сепак.

Понекогаш те пронаоѓам во збор, обичен збор. Понекогаш или најчесто те пронаоѓам во глагол, и тоа токму тогаш кога барам совршен збор а него го нема. Но го има во исполнението, во протокот во одблесоците. И тогаш, глаголот ми се јавува во полусон, па ме буди. Станувам,  доживувам астрала која сама по себе ми го има тешкото значение за смислата животот во овој мој универзум. Понекогаш глаголот ми ја дава храброста да се фокусирам на работи  и нешта на кои другите не би имале ни дел од истата таа храброст да се фокусираат на работи и нешта, мои , нивни нешта. Но понекогаш, глаголот и ми ја одзема истата таа храброст, но само понекогаш. Благородно пак.

Понекогаш ми се јавуваш како движење, и тоа токму во оној момент кога сакам да застанам, да починам, да се одморам од етапата, и ме туркаш токму по идејата кон која сум тргнала. Во тој момент  те чувствувам длабоко во сивата маса, во енергијата која чинам е самото создавање, самиот чин на раѓање, на опстојување. Мое опстојување. Зачеток! Случајност? Не, благородно.

Понекогаш ми се присторуваш како тежина, неподнослива тежина  ставена на грбот од моето бреме дополнително тежејќи му и на него, а тоа самото по себе терет. Мој терет, моја тежина, моја дневност, и моја ноќност. Понекогаш мислам дека и јас ти се присторувам во тежина иако моите педесетина килограми за тебе се лесност, но сето тоа што доаѓа по мене е тежина, и тоа не тежина во килограми, туку тежина изменета во бреме, во терет. Тешка љубов? Благородно.

Понекогаш те среќавам во време. Понекогаш и ти ме среќаваш во време. Едното доаѓа, другото минало. Едното ги брои сеќавањата, другото ги памти среќавањата. Време кое минало многу брзо, време кое заминало многу брзо. Взаемност и допири само во името, а тоа искосено со нежна теорија за апсолутноста, а таа- ја има во секоја моја листа на можности. Пречекување на денови! Благородно сосема.

Понекогаш те туркам во длабочина, во длабочината, за потем повторно  да ми се издигнеш од понорот со сите твои кревкости, светлини и повторувања на искуства од сите минати животи. А таму, а од таму имаме по некој белег. Јас имам белег на стомакот, бела флека со недефинирана форма, само флека, која потсетува дека и напред и нагоре и назад и надоле сеуште има нешто. Себесвесност! Почеток! Благородно.

Понекогаш те гледам во секоја фабула од прочитаните книги, како блиска оддалеченост од почетокот а сосема блиска раздалеченост од крајот. Многуслојност во било кој жанр, во било кој прочитан жанр. Присутност! Благородно.

Понекогаш  те слушам во разговорите кои лизгаат надолу присетувајќи се дека метатекстот е секогаш ист без разлика на темата.Проникливост! Благородно.

Противречење

she__s_a____by_maixART

Ми противречиш волшебно,

а јас ти го подарувам сиот простор од А до Ш,

тогаш кога во денот се судирам со луѓе

премногу исплашени за да се видат во нечив лик,

тогаш кога учам дека на сите ни недостасува

грст светлина и топол допир,

тогаш кога гледам одблесоци, следам пороци

доживувања и распознавања,

тогаш кога слушам криење  зад призвук

на тажен сонлив плач

тогаш кога денот не знае да те препознае

а те препознавам јас.